Украина му се приклучи на Центарот за кибер одбрана на НАТО во Талин

– Украина се приклучи на Центарот на НАТО за кибер одбрана, соопшти денеска центарот со седиште во Естонија, додека за Киев одлуката е „важен чекор на патот“ за приклучување на земјата кон организацијата.

Центарот за кибер одбрана соопшти дека се приклучиле и Исланд, Ирска и Јапонија.

-Посебно задоволство ни е што ја гледаме Украина меѓу нас. Тоа дава единствена можност истовремено да придонесеме за одбраната на Украина во бруталната војна на Русија и да ја подобриме кибер безбедноста на сите членки, изјави денеска естонскиот министер за одбрана Хано Певкур.

Амбасадорката на Украина во Естонија, Маријана Беца, одлуката за приклучување кон Центарот ја оцени како „историски настан и важен чекор на патот на Украина кон членство во НАТО“.

Центарот, кој вклучува земји членки на НАТО и уште осум други земји, е основан во 2008 година во главниот град на Естонија.

Компјутерски експерти од Европа и САД работат во Центарот за заштита на информациските мрежи на Алијансата.