Украина наскоро избора претседател!? Изборите можеби ќе се одржат уште летово, ова е планот на Зеленски! „Трамп и Путин беа иритирани од неговата тврдоглавост“
Ова го објави британскиот весник „Економист“, повикувајќи се на извори во украинската влада.
Според неименувани извори, Володимир Зеленски свикал состанок минатата недела за да му наложи на својот тим да организира гласање по целосен прекин на огнот, за кој Американците веруваат дека може да се спроведе до крајот на април.
Економист го наведува Велигден, 20-ти април, како веројатен датум за прекин на огнот.
Британскиот весник забележува дека гласањето за продолжување на воената состојба, кое истекува на 8 мај, е закажано за 5 мај во парламентот. Укинувањето на воената состојба е неопходен прв чекор кон започнување на изборниот процес.
Изворите наведуваат различни датуми за избори, но повеќето веруваат дека Зеленски смета на изборите да се одржат во лето. Според законот, пред одржувањето на изборите треба да поминат најмалку 60 дена, колку што трае изборната кампања, па најраната можна опција е почетокот на јули.
Некои извори велат дека кампањата ќе трае три месеци бидејќи изборните власти му рекле на парламентот дека ќе биде потребно толку време за ажурирање на избирачките списоци поради војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин беа „иритирани од тврдоглавоста на Зеленски“ и го туркаа да одржи избори среде војната, убедени дека украинските гласачи ќе им направат услуга со тоа што ќе го сменат од функцијата.
Според Економист, пред само два месеци, се веруваше дека Зеленски е категорично против одржувањето на изборите, но третманот на Трамп кон него на почетокот на март го зголеми неговиот рејтинг и ги промени неговите пресметки. Сега се во тек сериозни подготовки Зеленски да се појави пред гласачите по втор пат, и тоа наскоро.
Поранешниот украински претседател и лидер на партијата „Европска солидарност“, Петро Порошенко, предвидува дека изборите би можеле да се одржат „во секое време од август до октомври“ и тврди дека кампањата всушност започнала со одлуката на Зеленски да воведе санкции против него во февруари.
Висок владин извор изјави за британскиот весник дека Порошенко „и ја преценува и потценува својата важност“.
Неименуваниот функционер верува дека Зеленски ќе се обиде да ги изненади своите ривали со изборите во јули, надевајќи се дека краткиот рок ќе му овозможи да се кандидира без противници. Изворот, исто така, смета дека таквиот пресврт на настаните би бил од корист не само за Зеленски, бидејќи „долга кампања би ја поделила земјата“.