Украина, Полска и Литванија постигнаа договор за забрзување на извозот на жито

Украина, Полска и Литванија договорија план за забрзување на извозот на украински житарки, соопштија денеска официјални претставници.

Според договорот, инспекциите на житото од украинско-полската граница се пренесуваат во литванското пристаниште на Балтичкото Море, се наведува во соопштението на украинското Министерство за земјоделство.

Поместувањето на местото на инспекциите има за цел да го олесни транзитот на украинскиот извоз преку полска територија, се вели во соопштението.

Од литванското пристаниште Клаипеда, каде од утре ќе се контролира присуството на штетници и болести, жито ќе може да се извезува по морски пат низ целиот свет.

Договорот, исто така, може да помогне да се намалат тензиите околу цените на житото меѓу Украина и Полска во време кога меѓународната поддршка за напорите на Киев да се одбрани од Русија може да се намали.