Украина соопшти дека соборила руски воен авион

Украинската армија тврди дека денеска соборила руски ловец-бомбардер од типот Су-34 во Донечката област, а Русија потврди соборување на авион и додаде дека „двајцата пилоти се катапултирале“, но не прецизираше чиј е авионот, ниту за каков модел станува збор.

Како што соопштија украинските воздухопловни сили, руски борбен авион се урна на истокот на Донецк, погоден во близина на градот Јанакив, на околу 50 километри од самиот град Донецк, на територијата контролирана од Русија, пренесува CNN.

Рускиот воен функционер мајор Роман Краменков преку својот канал на Telegram објави дека „еден авион е соборен“ над Јенакиев, во таканаречената Донечка Народна Република, пренесе ТАСС. Според него, двајцата пилоти успешно се катапултирале, но потеклото на авионот не е јасно.

CNN посочи дека не може да ги потврди тврдењата на украинските воздухопловни сили за потеклото на авионот и моделот.

Рускиот мајор на Telegram објави слика од столб црн чад што се издигнува недалеку од неколку згради и улици на градот Јенакиев и рече дека истрагата е во тек.

Краменков соопшти дека го посетил местото на несреќата, но дека во моментов не може да се пристапи до остатоците од авионот.

  • Авионот се урна, има чад, гори. Видовме двајца пилоти како се катапултираат со падобрани, изјави рускиот мајор за руската државна телевизија. Според него, никој не е повреден бидејќи авионот се урнал на земјоделска фарма.