Украина тврди дека нејзините сили напредувале во Доњецк и Запорожје

– Украина тврди дека нејзините сили напредувале на линијата на фронтот со Русија во регионите Доњецк и Запорожје, во услови на „контраофанзивните акции“ што ги најави украинскиот претседател Владимир Зеленски за време на викендот.

„Во текот на офанзивната операција, во текот на изминатиот ден, нашите војници напредуваа 250 метри во насока на Бахмут во областа на резервоарот Берхив и 200 метри во насока на Торецк“, изјави украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Маилар, во соопштение на Телеграм.

Маилар понатаму рече дека украинските војници напредувале меѓу 500 метри до 1 километар во правец на Бердијанск во регионот Запорожје, тврдејќи дека областа преземена под контрола била до 3 квадратни километри.

„Непријателот прави сѐ за да ги задржи позициите заробени од него, користејќи авијација и интензивен артилериски оган“, додаде Маилар.

Таа нагласи дека украинските сили наидуваат на мински полиња и противтенковски ровови, како и на постојани контранапади на непријателските единици врз оклопните возила и масовно користење на АТГМ (противтенковски наведувани проектили) и беспилотни летала камикази за време на контраофанзивата.

Маилар исто така рече дека борбите се во тек во правец на Орихив, Маринка, Бахмут и Лиман.

Руските власти сѐ уште не ги коментираа овие тврдења.

Зеленски во саботата најави дека украинската Армија презема „соодветни контраофанзивни и одбранбени акции“ против Русија на линијата на фронтот.