Украина тврди дека повторно ја презела контролата на 3 квадратни километри во близина на Бахмут

 – Украина денес потврди дека нејзините сили ја вратиле контролата на 3 квадратни километри во близина на градот Бахмут, едно од клучните жаришта на руско-украинската војна.

„Минатата недела нашите вооружени сили напредуваа во насока на Бахмут на јужното крило, а површината на ослободената територија во текот на изминатата недела изнесува 3 квадратни километри. Генерално, 40 квадратни километри веќе се ослободени на јужното крило околу Бахмут“, рече украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Малиар, во видеопораката до медиумите.

Продолжува интензивната вооружена пресметка меѓу руските и украинските сили во близина на Купијанск, Лиман и Бахмут, тврди Малиар, додавајќи дека Русија продолжува со офанзивата во правците на Авдивка и Маринка.

„Руската војска не влегува во Авдивка за да не се заглави во улични битки; нејзина цел е да ја опкружи Авдивка и да продолжи понатаму. Што се однесува до Маринка, руската армија речиси го уништи лицето на оваа населба, всушност не останаа цели куќи. И сега руската армија се обидува целосно да ја преземе контролата над овој град“, објасни таа.

Исто така, таа тврди дека и покрај намалениот број напади на источниот фронт, руските сили се „прегрупираат и акумулираат сили“ во регионот, особено во правците на Купијанск и Лиман, со цел да продолжат со офанзивните дејства.

Таа тврди дека на јужниот фронт се водат жестоки борби, особено во правец на Урожајн.

„Постојат одредени успеси во јужните и југоисточните правци околу Старомаиорске, регионот Доњецк, а жестоки битки моментно се во тек и на југот и на истокот на Украина“, рече таа.

Руските власти сè уште не ги коментираа тврдењата, а независната проверка на тврдењата на Украина е тешка поради тековната војна.