– Министерството за одбрана на Украина тврди дека руските сили го намалуваат присуството во комплексот на нуклеарната централа „Запорожје“.
Главната управа за разузнавање на Министерството соопшти дека руските сили го намалуваат својот број во комплексот на електраната, кој го окупираа од март минатата година.
„Според последните информации, окупаторските трупи полека ја напуштаат електраната. Комплексот први го напуштија тројца членови на персоналот на Росатом (руската државна компанија за нуклеарна енергија), кои ги надгледуваа активностите во електраната“, се наведува во соопштението.
Се додава дека и на украинските вработени што потпишале договор со Росатом им била понудена евакуација и дека им било кажано дека според упатствата мора да ја напуштат електраната до 5 јули и дека е пожелно да одат на Крим.
„Бројот на руски патроли во регионот се намалува, а на останатите во електраната им е наредено за каква било итна настаната ситуација да ја обвинат Украина“, се истакнува во соопштението.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно изјави дека Русија размислува за сценарио за терористички напад што вклучува истекување на радијација од нуклеарната централа „Запорожје“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги опиша овие наводи како „бесмислици“.