Украина тврди дека уништила складиште за муниција во Херсон под руска окупација

 Украинските сили уништија „значајно“ складиште за муниција во близина на окупираниот пристаништен град Хеническ во јужниот регион Херсон, изјави денеска Серхи Братчук, портпарол на воената администрација на Одеса.

– Нашите вооружени сили утрово зададоа добар удар – и тоа многу силен – во селото Рикове, во областа Хеническ, на привремено окупираната територија на регионот Херсон … Таму имаше многу значајно складиште за муниција, рече Братчук во утринската видео порака.

Светските агенции напоменуваат дека информацијата не може независно да се потврди. Од Русија засега нема коментар за наводниот напад.

Украинските медиуми објавија видео снимки на кои се гледа како огромен облак од чад се издигнува далеку на хоризонтот со звуци на експлозии.

Селото Рикове е на околу 20 километри од Хеническ, пристаништен град на Азовското Море во јужна Украина, кој е окупиран уште од првите денови на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.