Украинците почнаа голема офанзива во регионот Запорожје

Официјални лица назначени од Русија и руски воени блогери тврдат дека украинските сили почнале голема офанзива во регионот Запорожје, јужно од Орихово.

„Фронт во Запорожје – почна вториот бран на контраофанзивата на украинските вооружени сили“, напиша денеска на Телеграм Владимир Рогов, член на воено-цивилната администрација на Запорожје.

„Непријателот ангажираше максимални сили во пробивање на нашата одбрана во правец на Орихово. Рано утринава, по масовната артилериска подготовка и воздушни напади, Украинците извршија напад на нашите позиции кај Работин“, додаде тој.

Си-ен-ен го цитира гувернерот на икупраната украинска област Запорожје, Евгениј Балицки, кој, исто така, соопшти дека е во тек украински напад.

Рускиот воен блогер „Рибар“ слично ја опишува ситуацијата долж јужниот фронт.

„По подготвителната фаза со артилериски напади, украинските јуришни одреди нападнаа и се обидоа да се пробијат североисточно од Работин. Тие извршија напад со десетици тенкови и оклопни возила. Непријателот успеа да навлезе во три области. Сега има жестоки битки“, напиша блогерот.

Украина сè уште не ги коментираше овие наводи за втор бран од контраофанзивата на окупираните територии.