Украинската војска објави дека уништила руска подморница додека била закотвена во пристаништето на Крим, украинскиот полуостров анектиран од Русија во 2014 година.
Станува збор за подморницата „Ростов на Дон“, која Русија ја користи од 2014 година. Украинскиот ракетен напад врз овој брод се случи вчера во најголемиот кримски град Севастопол.
Наводно, тоа била една од четирите подморници на руската црноморска флота, кои имаат можност да лансираат крстосувачки ракети. Министерството за одбрана на Русија не ги коментираше украинските тврдења. Покрај тоа, според Киев, во вчерашниот напад биле уништени и четири руски системи за противвоздушна одбрана С-400 кои го штитат полуостровот.
Британските разузнавачи уште во септември минатата година забележале дека „Ростов на Дон“ претрпел „катастрофална“ штета во ракетен напад што се случил додека оваа подморница била на сервисирање во бродоградилиштето во Севастопол.
Украинската војска објави дека Русија по нападот ја поправила подморницата и ја тестирала во близина на Севастопол. Според нивната проценка, подморницата е вредна 300 милиони долари.
„Уништувањето на Ростов на Дон е уште еден доказ дека нема безбедно место за руската флота во украинските територијални води на Црното Море“, соопшти украинската војска.
Како што јави Би-Би-Си, ова е последен во серијата украински напади врз руските поморски сили во Севастопол во последните месеци. Во март годинава Украинците објавија дека погодиле два десантни и еден патролен брод.
Според украинските податоци, од почетокот на руската агресија, оваа земја сериозно оштетила или потопила најмалку 15 руски воени бродови, меѓу кои и предводникот на црноморската флота „Москва“.