– Унгарскиот Парламент денес изгласа одлука за повлекување од Меѓународниот кривичен суд (МКС), објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Со оваа одлука одбиваме да бидеме дел од политизирана институција што ги изгуби непристрасноста и кредибилитетот“, напиша Сијарто на социјалната мрежа Х.
На 3 април, само неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во Будимпешта во четиридневна посета, Унгарија најави дека ќе го напушти МКС.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа, каде што, според податоците, од октомври 2023 година досега се убиени над 50.500 лица.
Посетата на Унгарија беше негово прво патување во Европа откако беше издаден налогот за апсење.
Организациите за човекови права, вклучително и Амнести интернешнл и Хјуман рајтс воч, повикаа Унгарија да го уапси Нетанјаху и да го предаде на МКС, но властите не одговорија на овие барања.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради војната во Газа.
Денес пред судот Јужноафриканска Република изјави дека Израел го користи гладот како оружје против палестинскиот народ, што претставува кршење на меѓународното право.
Според властите во Газа, најмалку 65 % од убиените Палестинци во тековната израелска воена офанзива се жени, деца и постари лица.