Унгарската опозиција бара вонредна седница на парламентот заради ратификација членството на Шведска во НАТО

– Унгарските опозициски партии денеска поднесоа предлог со кој бараат вонредна седница на парламентот на 5 февруари со цел да се ратификува барањето на Шведска за влез во НАТО.

Унгарија е единствената земја од 31-члената Атлантска алијанса која сè уште го нема ратификувано барањето на Шведска. Турција ја одобри апликацијата на Шведска за влез во НАТО минатата недела, околу 20 месеци откако Стокхолм поднесе барање за приклучување кон Алијансата по рускиот напад врз Украина.

„Нашиот предлог е испратен до претседателот на парламентот… Сега прашањето е дали 135 луѓе ќе бидат доволно храбри да се појават“, изјави  Зита Гурмаи, пратеник од опозицијата,, алудирајќи на пратениците од владејаќката партија Фидес.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатата недела изјави дека ќе ги повика пратениците да го одобрат приемот на Шведска при првата можна можност.

Сепак, претседателот на Парламентот Ласло Ковер рече дека нема потреба да се брза со каков било вонреден потег за ратификација на приемот на Шведска во НАТО и навести дека обидите на опозицијата да одржи вонредна седница најверојатно ќе пропаднат.