Премиерот Христијан Мицкоски и владини министри денеска и утре ќе учествуваат на унгарско-македонскиот владин самит што ќе се одржи во Унгарија.
Според агендата, за која вчера информираа од владината прес-служба, Мицкоски и неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе имаат тет-а-тет средба, а во рамките на самитот предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади.
По ова ќе следи заедничка седница на владите на двете земји.
Во рамки на посетата, како што информираа од Владата, предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија на Унгарија, Петер Сијарто да потпишат акциски план за размена на експертиза од страна на унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
По завршување на меѓувладината седница, како што е предвидено, претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски и премиерот на Унгарија ќе одржат заедничка прес-конференција.