Старото градско јадро во Охрид етапно ќе ја стандардизира и визуелно унифицира урбаната опрема поставена на најатрактивните локации низ градот. Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема, е презентиран пред сопственици на угостителски објекти, занаетчии, сместувачки капацитети, трговци, туристички работници и останати субјекти со дејност во стариот дел на градот и охридската чаршија.
Со Правилникот, изработен согласно Анализата и елаборатот за визуелно оптеретување на градот Охрид од 2019/2020 што третира локации во чаршијата и најфреквентните улици во стариот дел, се пропишуваат видот, типот, категориите и карактеристиките на стандардизирана и визуелно унифицирана урбана текстура, урбан мобилијар и утилитарни објекти.
Според најавеното на средбата со стопанствениите, процесот на унифицирање на урбаната опрема би почнал од наредната годна, би се одвивал постепено, а почетно ќе се унифицират тендите пред угостителските објекти, што ќе треба да бидат усогласени по боја и изглед.
Согласно финансиските можности, ќе се уредува осветлувањето во стариот дел на градот со стандардизирани и унифицирани канделабри, што треба да ги заменат посточеките што се со слабо осветлување. Потоа е предвидено поставување клупи, канти за отпадоци, отстранување на старите бандери и висечките жици, уредување на запуштените сандачиња од електричната мрежа…
Посочено беше и на потребата од типизирање на рекламните паноа пред деловните објекти, со поставување унифицирани натписи на фирмите според однапред утврден дизајн што би биле изработени од дрво. Замената на шарените светлечки реклами што го нарушуваат автентичниот изглед на Охрид финансиски би била помогната и од општината.
Опфатот на примена на презентираниот Правилник се однесува на просторот пред црквата „Св.Софија“, улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, плоштадот „Св.Климент Охридски“, чаршијата долж улицата „Св Климент Охридски“, како и плоштадот „Крушевска Република“ со краците што водат кон булевар „Туристичка“ и дел од чаршијата до пресекот со улицата „Гоце Делчев“.
Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите минатата година беше усвоен од Советот на Општина Охрид, а е изработен согласно одредбите од законите за градење, за просторно и урбанистичко планирање, за заштита на културно наследство, и за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење