Уништи Ролс Ројс од 800.000 и не му е гајле: Рашфорд оди на тренинг со комбе од 300.000 евра (фото/видео)

Маркус Рашфорд доби високи трошоци за поправка, откако пред три недели, враќајќи се дома по мечот со Барнли, го урна својот скап Ролс Ројс, проценет на околу 800.000 евра. Затоа, напаѓачот на Манчестер Јунајтед оцени дека е подобро да се избегнува седење зад волан во иднина.

Сепак, не се изоставени удобноста и луксузот. Така тој доаѓа во тренинг центарот на Црвените ѓаволи во Карингтон како патник, а го носи приватен возач. И тоа во комбе вредно близу 300.000 евра!

Верзијата од 200.000 на Мерцедес Вито не ги задоволи потребите на англискиот репрезентативец, па големиот љубител на моторните возила реши да се почести со Мерцедес Спринтер кој има фулл опрема.

Седиштата може да се трансформираат во брачен кревет, целата внатрешност е обложена со кожа, а има и телевизор од 40 инчи, ефект на ѕвезденото небо на таванот, електрични завеси, вграден фрижидер и Nespresso машина. Речиси куќа на тркала бидејќи некои верзии на Mercedes Sprinter имаат вградени тоалети.

За Рашфорд, секако, ова е единственото превозно средство од дома до тренинг. И додека ужива во утринското кафе и се одмора од сообраќајниот метеж, веројатно размислува каков ѕвер на четири тркала ќе биде следен во неговиот возен парк.

Дождот може да го расипе расположението, но животот е сладок во Манчестер… Особено кога си ѕвезда на Јунајтед или Сити.