УНФПА се повеќе е загрижена за ситуацијата во Газа: Стравуваме за илјадници бремени жени, мајки и бебиња
Агенцијата на Обединетите нации за сексуално и репродуктивно здравје (УНФПА) на чело со директорката Натали Канем е крајно загрижена за ситуацијата во Газа и поради таа причина испратија соопштение во кое укажуваат на катастрофалната состојба, но и на последиците.
Како што се наведува во официјалното соопштение на УНФПА, цивилите во Газа се во состојба на смртна опасност, а силното бомбардирање има разорни последици за населението.
„Поради нарушувањето на комуникациите, УНФПА не може да дојде до својот персонал во Газа и е крајно загрижена за нивната безбедност, како и за безбедноста на жените и девојчињата под нивна грижа. Тие вклучуваат илјадници бремени жени, мајки и новороденчиња на кои им е оневозможен пристап до суштинска заштита на здравствените услуги“, се наведува во изјавата на директорот Канем.
Поради оваа причина, УНФПА повикува на заштита на сите цивили и цивилната инфраструктура во Газа, како и здравствените установи, здравствените работници и пациентите.
Повикуваме и на заштита на хуманитарните работници и безусловно ослободување на сите заложници, како и приоритетно почитување на меѓународното хуманитарно право“, посочуваат тие.
УНФПА, исто така, се приклучува на повиците за итен хуманитарен прекин на огнот и испорака на хуманитарна помош која спасува животи до степен кој е неопходен за да одговори на очајните потреби на луѓето во Газа.
„Ова е итен тест на човештвото во кој мора да надвладее меѓународната солидарност и мир“, заклучува УНФПА.