УНХЦР: Над 800.000 луѓе би можеле да побегнат од Судан

Директорот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Филипо Гранди предупреди дека над 800.000 луѓе би можеле да побегнат од Судан поради конфликтот помеѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), што почна на 15 април.

Според УНХЦР најмалку 73.000 луѓе пристигнале во земјите во близина на Судан.

УНХЦР, заедно со владите и партнерите, се подготвува за можноста повеќе од 800.000 луѓе кои бегаат од борбите во Судан да пристигнат во соседните земји, напиша Гранди на Твитер.

Поголемиот број бегалци пристигнаа во Чад и во Јужен Судан. Но, нема информации колку Суданци побегнале во соседните Египет, Етиопија, Еритреја, Либија и Централноафриканската Република.