Употребата на енергија во домаќинствата во ЕУ зголемена за 5,5 отсто

Употребата на енергија во домаќинствата во ЕУ во 2021 година е зголемена за 5,5 отсто во однос на една година претходно, што е помалку од една третина од вкупно потрошената енергија во Унијата, покажува анализата на Евростат.

Зголемувањето на потрошувачката најмногу се должи на порастот на енергијата потрошена за ладење и загревање на домовите.

Во 2021 година, домаќинствата учествуваа со 27% од потрошувачката на финална енергија во ЕУ. Најголем дел од потрошувачката на финална енергија на ЕУ во домаќинствата беше покриена со природен гас (33,5%) и електрична енергија (24,6%).

Обновливите извори учествуваат со 21,2%, потоа нафтата и нафтените деривати (9,5%) и добиената топлинска енергија (8,6%). Мал дел (2,5%) сè уште беше покриен со производи од јаглен (цврсти фосилни горива).

Во споредба со 2020 година, во 2021 година потрошувачката на енергија кај домаќинствата во ЕУ се зголеми за 5,5% до вкупна вредност од речиси 11,0 милиони тераџули. Притоа, во финалната потрошувачка е зголемено учеството на природниот гас (+1,8 процентни поени (п.п.)), обновливите извори на енергија (+0,9 п.п.), како и на топлината произведена во топланите и во комбинираните постројки за топлинска енергија или од помошните уреди на инсталацијата кои користат врела течност. Од друга страна, значително се намалини учеството на нафтата и нафтените деривати (-2,8 п.п.) и на цврстите фосилни горива (по-0,2 п.п.).

Во ЕУ, главното користење на енергијата од страна на домаќинствата е за греење на домовите (64,4% од потрошувачката на финална енергија во резиденцијалниот сектор), проследено со греење на вода (14,5%).

Електричната енергија што се користи за осветлување и повеќето електрични апарати претставува 13,6% (ова ја исклучува употребата на електрична енергија за напојување на главните системи за греење, ладење или готвење).

Главните уреди за готвење трошат 6,0% од енергијата што ја користат домаќинствата, додека другите крајни употреби и ладењето на просторот покриваат 1,1% и 0,5%. Следствено, греењето на просторот и водата претставува 78,9% од финалната енергија што ја трошат домаќинствата, што укажува на пораст од 1,0 п.п. во споредба со 2020 година.

Генерално, потрошувачката во сите шест крајни употреби во 2021 година беше зголемена споредбено со 2020 година, но поконкретно, најмногу во однос на ладењето на просторот (+10%) и греењето на просторот (+7%). Општата категорија „други употреби“ исто така забележа пораст од 17%.

ТРТ БАЛКАН