Урсула фон дер Лајен со порака од Атина: “Нашите пријатели, аспирантите за членство да ги доближиме многу побрзо до ЕУ“

Нашите пријатели, аспиранти за членки во ЕУ, треба да ги доближиме до нас многу поблиску и многу побрзо“, објави на социјалната мрежа Х (Твитер) претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во пресрет на вечерашната неформална вечера што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за лидерите од земјите од Западен Балкан и членки на ЕУ од регионот на која ќе присуствува и премиерот Димитар Ковачевски.

Мило ми е што сум во Атина за да разговараме за европската перспектива на нашите соседи и партнери од Истокот и од Западен Балкан. Ќе продолжиме да ги уриваме бариерите меѓу нашите региони“, наведе Урсула фон дер Лајен во објавата.

На неформалната вечера што ќе се одржи по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, како и премиерите на БиХ Борјана Кришто, на Косово Албин Курти, на Бугарија Николај Денков, на РоманијаМарчел Чолаку и на Хрватска Андреј Пленковиќ.

Според најавите премиерот Димитар Ковачевски на маргините на собирот ќе има средба со Урсула фон дер Лајен, која, како што најави, од прва рака ќе може да се информира од него за текот на уставните измени.