Вселенската компанија „Спејс-Икс“ го изврши клучниот тест на својата најмоќна и најголема ракета наречена „Старшип“.
Инженерите извршија тн. „статичко палење“ во место, односно истовремено активирање на 31 од 33-те мотори во основата на долниот дел на ракетата. Моторите беа активни само неколку секунди, а сѐ беше наместено за да нема движење. Кога конечно ќе полета, „Старшип“ официјално ќе стане најголемиот и најмоќен оперативен ракетен систем во историјата. Тоа би можело да се случи наредниве недели, под услов – најновиот тест да биде успешен.
„Статичкото палење“ беше изведено во постројката за истражување и развој на „Спејс-Икс“ кај cелото Бока Чика на границата меѓу Тексас (САД) и Мексико.
Основачот и извршен директор на вселенската компанија, Илон Маск рече дека при пробата, тимот го исклучил едниот мотор пред тестот, додека другиот сам престанал да работи, што значи дека всушност работеле вкупно 31 мотор. Тоа, според него, е доволно за ракетата да стигне во Земјината Орбита.
Историски гледано, најблиску до големината на „Старшип“ била советската ракета „Н1“ од доцните 60-ти, којашто беше развиена за превоз на космонаути на Месечината. Имала 30 мотори распоредени во два прстени, но ова летало беше неуспешно во сите четири обиди, па намерата била напуштена.
Засилувачот „Суперхеви“ на „Спејс-Икс“ е составен од 33 современи ракетни мотори коишто треба да создадат околу 70 отсто повеќе потисок на лансирната рампа од „Н1“. Во тој поглед, и огромната ракета на американската вселенска агенција НАСА – „СЛС“, која првпат полета во ноември, е послаба од „Старшип“.
Маск има важна улога во програмата „Артемис“ за испраќање астронаути на Месечината, но тој е сосредоточен и на Марс.
„Старшип“ е револуција и бидејќи е дизајниран да се користи повеќепати. Во таа смисла, два негови дела – засилувачот „Суперхеви“ и врвот на вселенското летало, ќе се вратат на Земјата и ќе бидат повторно искористени. Сега следи подробна анализа на орбиталното тестирање, а таа би можела да се очекува кон крајот на февруари или во март.