Уставниот совет на Сенегал денеска потврди дека 24 март е новиот датум за одржувањето на претседателските избори во оваа западноафриканска земја.
Тоа стави крај на еден месец неизвесност за точното одржување на изборите по неуспешниот обид на властите да го одложат за 10 месеци гласањето, првично закажано за 25 февруари, што предизвика масовни немири.
Петседателот Меки Сал вчера и порача на владата дека изборите ќе се одржат на 24 март. Потврдувањето на тој датум од страна на Уставниот совет ќе им овозможи на 19-те кандидати да ја започнат својата кампања.
„Од вечерва натаму, целосно ќе се посветам на подготовките за претседателските избори… за да обезбедам победа во првиот круг“, изјави кандидатот на владејачката коалиција „Бено Бок Јакар“, Амаду Ба.