Уставниот суд и денеска не успеа да избере наследник на Добрила Кацарска чиј мандат заврши вчера. Судијката Ана Павловска-Данева денеска ја повлече кандидатурата со цел да не се доведе државата во уставна криза, а нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева не го доби потребното мнозинство по што уставните судии гласаа за судијата Осман Кадриу кој исто така не го доби потребното мнозинство.
Од Уставниот суд информираат дека судијката Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во коишто била предложена добила пет гласа. Исто толку гласа во осмото гласање добил и судијата Кадриу.
– Постапката за избор на претседател на Уставниот суд продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува, појаснуваат од Уставниот суд.
За денеска, според информациите од Уставниот суд, нема да има ново гласање.
Причината за поделеноста на гласовите, од Уставниот суд ја објаснуваат со тоа дека судиите гласаат по сопствено убедување и дека гласањето „за“ или „против“ е нивно лично убедување.
– Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно, информираат од Уставниот суд.
Во делот на работата со предмети, како што посочуваат, Судот непречено работи, прима предмети и постојните предмети тековно се работат, предметите се поделени на судии и советници.
Седницата за избор на претседател на Уставниот суд, започна на 30 мај и досега имаше осум круга гласања.