Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски се помали се шансите да се случи промена на Уставот пред претстојните парламентарни и претседателски избори, бидејќи, како што вели, партиите во следниот предизборен период ќе влезат во кампања и ќе ја засилат својата идеолошка и партиска реторика. Во меѓувреме, Арсовски вели дека ќе се намали и желбата за проширување во ЕУ поради изборите во Европарламентот следната година.
-Имајќи предвид дека уставните измени траат сто дена за ЕУ е очигледно дека рокот од декември е недостижен и дека во декември Украина и Молдавија ќе ги почнат преговорите, а ние ќе останеме сепак на втора траса и имајте предвид дека и во ЕУ наредната година во јуни има избори за европарламентот, така што и таму апетитот за проширување и убедување за одблокирање на преговорите ќе се намалува како што поминува времето.- Петар Арсовски – Политички Аналитичар
И новинарот Бранко Героски смета дека се помалку веројатно е дека ќе има уставни измени до изборите. Тој вели дека причината за ова е бидејќи кај власта не постоела волја да направи измени во предложениот текст на амандманите, со кои би се постигнал консензус.
„ Измени во насока на тоа во самиот текст на преамбулата се содржат гаранции за македонскиот идентитет и еден акцент на историскиот континуитет на македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа за жал не се случува не постои волја за такво нешто и за некое друго прифатливо решение и заради тоа остануваме таму каде што сме. “-Бранко Героски – Новинар
Претседателот Пендаровски неодпмна изјави дека доколку устваните измени не се донесат до крајот на оваа година, таа задача ќе треба да се остави на следниот парламентарен состав. Но, Арсовски смета тоа ќе биде уште потешко.
-Јас мислам дека после изборите ќе биде уште потешко да се донесат уставните измени, ќе има логистички пречки тоа се европските избори, потоа следуваат локалните избори во Македонија и зацементирањето на реториката на изборниот процес ќе направи да биде потешко да се донесат уставните измени доколку не се случи некаква комбинација да не може да се состави влада без уставните измени, но не сум сигурен дека наративот во јавноста ќе дозволи така лесно донесување на уставните измени бидејќи постои замор од европрошуирувањето а и во ЕУ.- Петар Арсовски – Политички Аналитичар
Според Геровски потребно е да се изнајде одржливо решение, а во меѓувреме најважно за државата вели се внатрешните реформи и воведувањето на европските вредности.
„ Многу е важно да се најде одржливо решение и во таа смисла да не се крева било каква паника или хистерија за Македонија е важно да ги почне преговорите и да ги води квалитетно и да ги води со едно темпо кое ќе означи сериозно движење напред. Да потсетам дека Србија и Црна Гора преговараат со ЕУ веќе со години, а имаат отворено само две или три поглавја“
Новата перспектива за проширување на ЕУ се појави по војната во Украина, а според најавите на европските челници, новите членки ќе бидат примени најдоцна до 2030 година.. Во меѓувреме подготвуваат план за Западен Балкан, кој предвидува финанска поддршка и постепна интеграција, а деталите се очкува да бидат познати во извештаите за напредокот на земјите што ќе бидат објавени на 8 ноември…