Утре испорака на гориво за првата турска нуклеарна централа „Акују“

Пет години по почетокот на работата за изградба на првата единица на турската нуклеарна централа „Акују“, Турција сега ги одбројува часовите до првата испорака на нуклеарно гориво во централата. Електраната „Акују“ сместена во јужната турска област Мерсин со утрешната испорака на првите количини нуклеарно гориво ќе стане првата нуклеарна централа во Република Турција.

Работите на изградбата на тој комплекс сè уште траат, а првата испорака на нуклеарно гориво се чека за да започне процесот на прелиминарно тестирање и подготовките за пуштање во функција на првата од вкупно четирите реакторски единици. Преостанатите три единици ќе станат оперативни во следните три години, на начин што секоја година ќе се отвора по една.

На крајот, електраната ќе има четири енергетски реактори VVER-1200 со вкупна инсталирана моќност од 4.800 мегавати.

Електричната енергија произведена од топлината на горивните прачки ќе биде еквивалентна на енергијата добиена од 124.500 вагони со јаглен, со што ќе се спречат вкупно 2,1 милијарда тони емисии на јаглерод во текот на 60-годишниот работен век на електраната.

Постројката ќе произведува 35 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно и ќе задоволи околу десет отсто од потрошувачката на електрична енергија во Турција.

Откако електраната ќе стане целосно оперативна, се очекува вработување на околу 4.000 луѓе.

Меѓудржавниот договор за изградба на оваа нуклеарна електрана беше потпишан меѓу Турција и Русија во мај 2010 година. Церемонијата на положување камен-темелник се одржа на 3 април 2018 година, по што започна изградбата на првата единица.

Изградбата на втората единица започна на 8 април 2020 година, а првата серија бетон за третата единица беше излеан на 10 март 2021 година. Градилиштето на електраната „Акују“ се смета за едно од најголемите градилишта од ваков вид во светот. Темелите на четвртиот реактор беа поставени на 21 мај минатата година.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН