Учебната година во Црна Гора ќе почне со предупредувачки штрајк, состојбата во образованието е алармантна

 Учебната година во Црна Гора ќе почне со предупредувачки штрајк, најави претседателот на Синдикатот за образование, Радомир Божовиќ.

Причината, рече тој, е состојбата во образованието, која е алармантна по сите прашања, од финансиите до училишната инфраструктура до положбата на наставниците во општеството. Од Синдикатот го повикуваат идниот премиер и ресорниот министер сериозно да ја сфатат ситуацијата.

Божовиќ за РТВ Будва изјави дека просветните работници со години се на маргините на општеството, а буџетот за образование е социјален.

„Со години образованието и просветните работници се на маргините на општеството, Буџетот е некако социјален, за плати кои не се некои и да се закрпат дупки кај што може да се закрпат – ако некаде почне да прокиснува покривот, ако почне фасадата да паѓа, ако нема парно… Значи државата со години не инвестирала во образованието. Затоа ние како образовен систем паднавме толку ниско, го загубивме достоинството, а со самото тоа и просветниот работник како поединец не можеше да го одржи своето ниво во таков систем. Значи ние со предупредувачки штрајк бараме државата конечно да се сврти кон образованието, да почне да инвестира во образованието“, рече претседателот на Синдикатот за образование.