Ученици убиле школски другар и му зеле 1500 денари: Масакрираното тело го скриле во стаклена градина

Изобличеното тело на момче (13) било пронајдено во село во Кина, а полицијата привела три малолетни лица под сомнение дека убиле соученик, а потоа телото го фрлиле.

Злосторството, кое се случи на северот на Кина, ја шокираше земјата и целиот свет. Во Кина сега има дебати за насилство од врсници, малолетничка деликвенција и воспитување деца.

Се верува дека момчето е убиено во близина на средно училиште во село во предградието на Хандан во провинцијата Хебеј. Неговото осакатено тело беше пронајдено во стаклена градина минатата недела.

Полицијата во Хандан соопшти дека момчето Ванг било убиено на 10 март, а осомничените за злосторството се приведени следниот ден.

Се верува дека станува збор за планирано злосторство, бидејќи полицијата дознала дека еден ден пред убиството, осомничените ископале гроб за малиот Ванг. Семејството на Ванг и нивниот адвокат изјавија дека момчето претрпело долгорочно малтретирање од тројца соученици. Сите осомничени за убиството се помлади од 14 години.

Фактот дека убијците се деца, дека малтретирале друго дете и начинот на кој го извршиле убиството го привлече вниманието на сите граѓани во Кина и во светот. Дискусиите за инцидентот доминираа во кинеските социјални медиуми во последниве денови, привлекувајќи стотици милиони прегледи, а многумина бараат строги казни за сторителите, вклучително и смртна казна.

Трагедијата, исто така, го привлече вниманието на кинеската генерација на „деца заостанати“, кои живеат во руралните области често со роднини додека нивните родители бараат работа во градовите. Ванг и тројцата осомничени се деца на работници мигранти во селата, објавија државните медиуми.

Благосостојбата на „децата заостанати“ стана скриена жртва на брзиот економски пораст на Кина, поттикната од стотици милиони рурални работници мигранти кои поминале години работејќи далеку од дома за да ги обезбедат своите семејства.

Најмалку едно од пет деца во Кина, од кои има 67 милиони помлади од 17 години, родителите ги оставаат да бараат работа на друго место, според статистичките податоци од 2020 година. Бројни студии и анкети покажаа дека таквите деца се поподложни на психолошки проблеми, како депресија и анксиозност, и дека се склони кон агресија и насилство од врсници.

Смртта на малиот Ванг е последниот во серијата трагични инциденти во кои се вклучени „напуштени деца“ кои во последните години предизвикаа јавен бунт во Кина. Овие деца често биле жртви, но во некои случаи и сторители на насилни кривични дела.

„Мислам дека оваа трагедија е само врвот на ледениот брег. На целата група напуштени деца и’ е потребна психолошка поддршка“, вели Шуанг Лу, доцент на Универзитетот во Централна Флорида, кој со години ги проучува случаите на напуштени деца.

Ужасно убиство на мало дете

Ванг, кој живеел со своите баба и дедо додека татко му одел на работа во крајбрежниот регион, исчезнал на 10 март кога отишол да се сретне со своите соученици. Безбедносните камери го снимиле пред училишните порти како седи на скутерот на кој биле осомничените.

Пред да исчезне и пред да му биде исклучен телефонот, сите негови пари на WeChat, кинеска апликација, во вкупна вредност од 191 јуани (околу 1500 динари) биле префрлени на сметката на еден од неговите соученици, според таткото на Ванг.

Кога дознал дека син му го нема, веднаш дошол дома и почнал да го бара. Следното утро полицијата ги испрашала тројцата малолетници, кои претходно му кажале на семејството на Ванг дека не го виделе.

На крајот, едно од момчињата и’ признало на полицијата дека Ванг бил убиен и открил каде го фрлиле телото.

Стакленикот во кој го пронашле искасапеното тело на момчето се наоѓа на само 100 метри од куќата на еден од осомничените. Вујкото на Ванг, кој го идентификуваше, рече дека телото на неговиот братучед е осакатено.

Таткото на Ванг вели дека момчето било изобличено до непрепознатливост.

,,Се надевам дека властите ќе бидат фер, дека жестоко ќе ги казнат, дека убијците ќе платат за ова со живот“, напиша тој под видеото од безбедносните камери кои последен пат го снимија неговиот син.

Осомничените подолго време го малтретирале момчето

Други деца од одделението сведочеа дека осомничените малолетници долго време го малтретирале Ванг на училиште. Тврдат дека го заклучувале во дрвена барака секогаш кога одел во тоалет за време на одморот.

„Ванг еднаш му напиша белешка на пријателот што седеше пред него дека повеќе не сака да доаѓа на час и дека сака да умре“, рече едно момче.

Тетката на Ванг изјави за  CCTV дека момчето неодамна станало безволно на пат кон училиште и често барало пари од својот дедо пред да оди на час.

,,Мислевме дека сака да купи нешто за ужина, не му дадовме доволно значење. Сега кога го вратив филмот, сфаќам колку беше многу чудно”, рекла тетката.

Таа се обвинува себеси што не забележала што се случува со Ванг, додавајќи дека тој еднаш напишал на социјалните мрежи дека има самоубиствени мисли, по што таа разговарала со него.

„Мислев дека е под притисок поради училиштето, па му реков дека не треба да чувствува притисок поради оценките. Му реков: „Не е важно каков ученик ќе бидеш“, им рекла тетката на медиуми.