Училиштата во Центар Жупа собраа 480 илјади денари за настраданите од земјотресот во Турција

Учениците и професорите во двете основни и нивните подрачни училишта и гимназијата во Центар Жупа во акцијата за собирање средства за настраданите подрачја во Турција собраа 480 илјади денари.

– Со доброволни прилози учествуваа учениците и ние, просветните работници, и до денес собрани се 480 илјади денари. Во ООУ „Неџати Зекерија“ во село Коџаџик собрани се 200.000, во „Мустафа Ќемал Ататурк“ во Центар Жупа 150.000, додека, во гимназијата „АТА“ 130.000 денари. Акцијата продолжува, потврди за МИА, Аќиф Селман, директор на училиштето во Коџаџик.

За оваа хуманитарна акција, директорите на училиштата денеска го информирале градоначалникот Аријан Ибраим, кој изразил благодарност за нивната хуманост.

Советот на Општина Центар Жупа едногласно одлучи да се издвојат 500.000 денари, а 11-те советници се договорија едномесечен финансиски надомест да донираат за настраданите подрачја.

Со одлука на Советот, до 12 февруари трае седумдневната жалост и пред општината знамињата се спуштени на половина копје.