Училиштата затворени, летовите откажани поради бурата Еовин која ги зафати Велика Британија и Ирска

– Бурата Еовин предизвика масовни прекини во сообраќајот во Обединетото Кралство и Ирска, поради што откажани се летови и сообраќање на возови, а затворени се и училиштата.

Милиони луѓе добија совет да останат дома и да избегнуваат патувања бидејќи бурата го зафаќа регионот.

Метеоролошката агенција на Обединетото Кралство издаде црвено предупредување за ветер, предупредувајќи дека постои „опасност по живот“ во Северна Ирска и делови од Шкотска.

Денес десетици училишта во Обединетото Кралство се затворени, вклучително и сите училишта во Глазгов и Единбург.

На лондонскиот аеродром „Хитроу“ се откажани повеќе од 30 лета, а 28 лета се прекинати во Единбург.

Бурата, исто така, предизвика откажување на 18 лета на аеродромот во Глазгов и 14 на аеродромот „Џорџ Бест“ во Белфаст.

Националната железница ги предупреди патниците за прекини и им препорача денес да не патуваат низ Шкотска и голем дел од Северна Англија.

Ирска, исто така, се соочува со една од најтешките бури во својата историја, при што Ирската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за ветер за целата земја.

Според Ирската метеоролошка агенција, забележани се рекордни ветришта со брзина од 183 километри на час во местото Мејс Хед, Галуеј, во 5 часот по Гринич, што претставува најголема измерена брзина на ветер во историјата на земјата.

Моментно околу 560.000 домаќинства во Ирска немаат електрична енергија.

Во Ирска, исто така, има големи прекини во сообраќајот, а поради бурата откажани се повеќе од 30 лета на аеродромот во Даблин.