Софија денес е поинаков град, рече градоначалничката на главниот град на Бугарија Јорданка Фандакова во својот говор на прославата по повод 17 септември – Денот на Софија.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
„Среќен празник на верата, надежта и љубовта. Среќен празник на саканата Софија“, им порача Фандакова на присутните на прославата.
„На овој празник би сакала да кажам огромно ‘благодарам’. Ви благодарам за довербата, тоа ми даде сила да го водам развојот и промената на градот веќе 14 години. Благодарам и за поддршката, ми даде храброст да започнам големи проекти еден по друг, бидејќи Софија мораше да стигне, да претекнува и немаше време за губење. Со ова темпо на работа, вие бевте наши најверни партнери. Почувствувавме како е да се живее во град кој секоја година се гради и реновира и тоа дефинитивно е заморно. Заедно наметнавме брзина на промени каква што нашиот град никогаш не ја знаел“, им се обрати Фандакова на граѓаните.
„Најубавиот дел е што сите заборавивме како беше кога почнавме. Нема ништо помотивирачко и од добри зборови и од критики. И двете се потребни во работата. Уверена сум дека нема да дозволите ниту агресијата ниту популизмот да ја водат иднината на нашиот град. Водењето град бара карактер, а не двојни стандарди“, рече таа во својот говор.
По повод празникот, претседателот на парламентот Росен Желјазков го прифати извештајот на почесната гарда на единицата на Националната гарда. Свечен водосвет извршија свештеници од Бугарската православна црква. На свеченоста присуствуваа и потпретседателката Илијана Јотова, претседавачот на општинскиот совет Георги Георгиев, политичари, јавни личности и граѓани.
Знамето на општината свечено беше подигнато на столбовите на плоштадот под звуците на химната на Бугарија, во изведба на гардискиот дувачки оркестар.