“ФАСЦИНАНТНО ОТКРИТИЕ!“ – Научниците открија претходно непознато поглавје од Библијата: “Овие скриени стихови се избришани пред 1.500 години, а денес се многу важни!“

Откриен е досега непознат дел од Библијата, напишан пред повеќе од 1.500 години. Овој религиозен текст се менувал низ вековите а може да открие нови детали за религијата, велат експертите.

Новиот текст содржи делови од Евангелието по Матеј, стихови 11-12 од Новиот Завет, и е напишан на стариот сириски јазик и дава повеќе детали од стандардниот текст на Евангелието по Матеј.

Научниците го откриле дополнителниот стих откако погледнале ракопис на древни христијански приказни и химни од Ватиканската библиотека под UV светлина.

Текстот бил избришан од пергаментот, што е вообичаена практика за да може да се напише нов текст над него, но текстот оставил траги кои можеле да се детектираат со UV светлина, пишува Daily Mail.

д-р. Гарик Ален, предавач по новозаветни студии на Универзитетот во Глазгов, кажал дека откритието дава увид во раните преводи на Библијата.

Ова откритие е многу интересно, но не и револуционерно бидејќи новоидентификуваните делови од текстот се само фрагментарни делови од Матеј 11-12“, изјавил д-р Ален.

Сирискиот превод на Библијата е важен сам по себе како еден од најраните преводи од грчки јазик. Тоа ни дава увид во најраните фази на текстот на Библијата и заедниците што ги направиле овие преводи“, објаснува тој за Daily Mail.

Библија – новооткриени стихови

Џастин Бриерли, христијански писател и радио водител, откритието го нарече – „фасцинантно“.

Откривањето на овој нов фрагмент од сирискиот примерок на евангелијата е уште еден пример за тоа колку е богата традицијата на ракописот на Новиот завет низ вековите“, вели тој и додава: „Исто така, фасцинантно е да се забележат варијациите во некои од зборовите на Евангелието по Матеј во споредба со верзијата на текстот што ја користиме денес“.

Често се среќавам со критичари кои се прашуваат дали Библијата се променила со текот на времето, но науката за текстуална критика, потпомогната од откритија како овие, им помага на историчарите да состават точна слика за она што го кажуваат оригиналните текстови“, објаснува тој.

Професорот Хју Хотон од Катедрата за теологија и религија на Универзитетот во Бирмингем го нарече ова како – „вистинско и важно откритие“.

До пред неколку години знаевме само за двајца ракописни сведоци на старосирискиот превод на Евангелието, а сега имаме четири“, вели тој.

Вредноста на раните преводи е тоа што тие се направени од грчки ракописи кои не се сочувани и можат да обезбедат некои од првите докази за одредени читања. Откритието е важно за христијаните бидејќи доказите од овој документ ќе бидат вклучени во изданијата на грчкиот Нов завет и ќе се користат од уредниците за реконструкција на претходната форма на текстот. Со оглед на тоа колку малку ракописи од првите векови се зачувани, сите парчиња се добредојдени во реконструкцијата на сложувалката на историјата на текстот“, објаснува тој.

д-р. Питер Вилијамс, од Теолошкиот факултет во Кембриџ, вели: „Тоа е возбудливо откритие. Тимот што го откри ова направи одлична работа“.

Новиот текст го открил Григориј Кесел од Австриската Академија на Науките, кој сè уште нема издадено целосен превод напишан на старосириски јазик, но објави некои детали.

Во грчката верзија на 12-тото поглавје од Евангелието по Матеј, првиот стих гласи: „Во тоа време Исус минуваше низ посевите во сабота. Неговите ученици огладнија и почнаа да скубат класје и да ги јадат“.

Подеталниот сириски превод гласи: „…почнаа да берат класје, да ги тријат со рацете и да ги јадат“.

Почетниот текст бил напишан околу III век, но бил избришан во Палестина од писар – човек кој препишувал текстови пред пронаоѓањето на печатарската машина.

Ова било вообичаена практика бидејќи хартијата, т.е. подлогата за пишување, направена од животинска кожа била ретка и се користела одново и одново во тоа време.

Пишувањето преку изгребан текст се нарекува палимпсест – ракопис со повеќе слоеви текст.

Употребата на UV светлина стана популарна меѓу научниците кои се надеваат дека ќе откријат тајни документи, бидејќи скриениот текст ја апсорбира светлината и свети синкаво кога е изложен на оваа светлина.

Скриениот текст може да се види бидејќи пергаментот е натопен со мастило и без разлика колку често повторно се употребува, оригиналните записи сепак се втиснати на хартијата.

Текстот на Евангелието е скриен во смисла дека копијата на Евангелието на пергамент од почетокот на VI век била повторно употребена два пати, а денес на истата страница се наоѓаат три слоја на пишување – сириски, грчки и грузиски јазик“, открил Григориј Кесел од Австриската Академија на Науките.

Стариот сириски превод на светите списи бил наречен „Пешита“ и станал официјален превод што го користела Сириската црква во V век.

Кесел и неговите колеги рекоа дека пергаментот прв пат бил повторно употребен за Apophthegmata patrum на грчки, преведен како „Изреки на пустинските татковци“ – мислејќи на раните христијански пустиници кои живееле аскетски живот во египетската пустина околу III век и на крајот го формирале христијанскиот монаштвото.

Apophthegmata patrum е збирка од повеќе од 1.000 нивни приказни и изреки и датира од крајот на V и почетокот на VI век.

Следниот пат кога текстот бил избришан и повторно употребен за пишување било копирањето на текстот „Јадгари“ на Микаел Модрекили, грузиски ракопис од X век кој содржи збирка химни.

Преводот на сириски јазик е напишан најмалку сто години пред најстарите преживеани грчки ракописи, вклучувајќи го и „Кодекс Синаитикус“ – христијански ракопис на грчката Библија од IV век.

д-р. Ник Бејкер-Брајан од Факултетот за историја, археологија и религија на Универзитетот Кардиф го нарече новиот текст – „извонредно откритие“ и кажа дека неговото значење лежи во малиот број варијанти.

Веќе наведениот пример на откритието не е потврдено во грчките ракописи на Евангелието по Матеј“, вели тој. 

Присуството на различни варијанти во ракописот ја нагласува разновидната природа на раното христијанство и го зајакнува консензусот дека древното христијанство не било фиксно и монолитно, туку различни верзии на приказните за Исус кружеле во раната црква. Постоењето на овој текст треба да ги потсети современите христијани на разновидна историја и природа на нивната религија.