Фатмир Битиќи до вмровските пратеници-Срамота, вие не си го почитувате вашиот јазик, а јас очекував да имате разбирање за мојот јазик (ВИДЕО)

Триесет и шест пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и двајцата пратеници од Левица и пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, не гласаа за новиот Закон за употреба на македонскиот јазик.

Беше наведено дека со донесување на нов закон за употребата на македонскиот јазик, ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, а задолжително лекторирање ќе го врши само лектор со лекторска лиценца. Беше објаснето дека задолжително ќе се лекторираат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката. Задолжително ќе се лекторираат меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, но задолжително ќе се лекторираат и публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и тие што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, проспектите, транспарентите и друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица, понатаму називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата, сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично.

Костадиносвка-Стојчевска, минатиот месец истакна: „Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. Како и досега, и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. Во изминативе 20 години од примената на Законот, повеќе од 400 лица го положиле испитот за добивање лекторска лиценца. Испитот се полага пред Комисија што ја основа министерот за култура“.

Овој потег на ВМРО-ДПМНЕ денес многумина го коментираа, но особен впечаток остава објавата на Вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи:

„Вие не сте ја искористиле парламентарната привилегија да гласате за Вашиот мајчин јазик, а јас очекувам да имате почитување за мојот. Сега разбирам дека Вие и јас не функционираме од истото ниво на почит кон себе а секако после и кон другиот. Вие ја немате, јас ја имам. Поздрав Fatmir Bytyqi (Сречко).“

Оваа објава на Фатмир Битиќи е продолжение на неговото собраниско обраќање до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ каде им вели дека доколку би знаеле албански јазик тогаш ќе знаеја дека Фатмир на Албански значи Сречко.

„Во оваа држава нема да се врати едноумието, ксенофобичноста и национализмот. Да не подлегнуваме на релативизација и хушкање едни против други. Оваа држава е граѓанска, демократска, секуларна и во неа има место за сите. Секогаш гласно ќе го бранам нашето едно општество, не смееме да премолчуваме.“

Во однос на казнената политика, министерката за култура објасни дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. „Инспекторатот ќе биде насочен кон вршење на инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што верувам дека ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик и тоа во сите области и сфери во кои тој се употребува. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој предлог на закон, во согласност со Законот за прекршоците, а имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби во трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби“, рече Костадиновска-Стојчевска.