Федерацијата БиХ доби нова Влада, Нермин Никшиќ избран за премиер

– Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина по неколкучасовна дискусија гласаше за формирање на новата Влада на Федерацијата БиХ.

Претставничкиот дом со 51 глас за, 1 воздржан и 2 против го потврди назначувањето на новата Влада на ФБиХ. Претставниците на Партијата за демократска акција (СДА) и на Демократскиот фронт (ДФ) ја напуштија седницата.

Претставниците на партиите собрани околу Тројката и Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина (ХДЗ БиХ) изгласаа формирање нова влада.

На формирањето на новата Влада му претходеа протести пред зградата на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, каде што се собраа граѓани и го изразија своето незадоволство од одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и формирањето на властите во ФБиХ на овој начин.

Мандатарот Нермин Никшиќ на седницата го прочита експозето и порача дека новата Влада ќе се фокусира првенствено на економските реформи.

Никшиќ ќе биде нов премиер на Федерацијата БиХ, а негови заменици ќе бидат министерот за финансии Тони Краљевиќ (ХДЗ) и министерот за развој и претприемништво Војин Мијатовиќ (СДП).

Министер за внатрешни работи ќе биде Рамо Исак, а за енергетика, рударство и индустрија Ведран Лакиќ (СДП). Министер за култура и спорт ќе биде Сања Влаисављевиќ (ХДЗ БиХ), а за транспорт и врски Андријана Катиќ.

Нерин Диздар од СДП ќе биде министер за раселени лица и бегалци, а Неџад Локмиќ ќе биде министер за прашања на борците и инвалидите. Недиљко Римац од ХДЗ е министер за здравство, а за образование и наука Јасна Дураковиќ од СДП.

Од Наша партија во Владата на Федерацијата ќе биде Амир Хасичевиќ како министер за трговија, а Аднан Делиќ од НиП ќе биде министер за труд и социјална политика. Министер за животна средина и туризам ќе биде Насиха Поздер (НС), министер за просторно планирање Жељко Недиќ (ХДЗ БиХ), а за земјоделство, водостопанство и шумарство Кемал Хрњиќ (НиП).

Именувањето на Владата на Федерацијата БиХ се случи по одлуката на високиот претставник Шмит, со која е деблокиран изборот на Владата на Федерацијата БиХ.