Откако цените на храната дивееја во Словенија во првата половина од годинава, žurnal24 пишува дека трговците во Словенија почнале да ги намалуваат цените на храната, а одредени категории доживеале попуст и до 50 отсто.
Тие стапиле во контакт со шест трговци кои работат на територијата на оваа земја за да проверат кои артикли и категории на храна значително ги намалиле цените, а одговорот стигнал од Hofer дека главно ги намалиле цените на млечните производи, месото и рибата, но и маслото, оризот и тестенини.
Словенечкиот маркет Spar потврди дека ги намалиле цените на 1.400 производи, во просек за 11 отсто, но дека некои артикли се намалени за 40 до 50 отсто, како свински шницли или сончогледово масло.
Во Mercator, пак, утврдија дека неодамна почнале да ги намалуваат откупните цени на одредени категории производи како млечни производи, масло, брашно и свежо месо, додека Tus предупредува дека и покрај намалувањата, добиле најави од некои производители за нови поскапувања.
Новинарите на žurnal24 ги проверуваа цените на одделните категории на производи и заклучија дека млекото кое пред летото чинеше од 1,09 на 1,25 евра, сега падна на 0,79 до 1,09 за литар, што е пониска од моментално ограничената цена за литар млеко.
Пад на цените бележи и сончогледовото масло, кое не беше ограничено во Словенија – цената на литар сега се движи меѓу 1,29 и 2,99 евра.