ФЗОМ: И покрај сајбер нападот, сите податоци се безбедни

Две недели по сајбер нападот врз Фондот за здравство, директорот на оваа институција зборуваше за медиумите, но не даде никакво објаснување за нападот, како и дали хакерите побарале милиони од Фондот за да го обнови системот на оваа институција. Она што таа го потврди е дека податоците на граѓаните се безбедни и истите не се земени.

„Според сите анализи на ИТ експертите, нема истекување на податоци на граѓаните. Граѓаните да бидат сигурни дека нивните податоци се безбедни, има шпекулации дека нивните податоци не се безбедни. Во моментов истрагата на Обвинителството е во тек, а кога ќе заврши ќе можеме да споделиме повеќе детали. Фондот презеде се што може да се направи за да не заштити од можни нови напади. Подоцна, откако ќе се стабилизира овој систем, ќе треба да ги мигрираме податоците во Cloud системот, кој ќе обезбеди примарна и секундарна локализација. Обезбедени се антивируси“, изјави Магдале Филипоска Грашкоска, директор на Фондот за здравство.

Прашана дали чувствува морална одговорност и дали некој ќе поднесе оставка за ова, таа рече дека го чека извештајот на Обвинителството за да ги разјасни причините поради кои се случил овој инцидент.

„Истрагата токму ова ќе го покаже, кој е виновен за сето ова“, изјави Магдале Филипоска Грашкоска, директор на Фондот за здравство.

На денешната конференција не беше директорот Албанец од редовите на ДУИ, ниту информатичарите кои ќе требаше да дадат подетални објаснувања за состојбите создадени во Фондот.