Ние денес живееме во држава и општество кои се жртви на прераната изгубеност на една апсолутна власт, власт која е неспособна, расипничка, нечесна и неискрена со луѓето кои ѝ го довериле мандатот и и стовремено, власт која е арогантна, дистанцирана од народот, лажно самоуверена и опиена од големата поддршка која ја доби, порача на денешната изборна конвенција лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче додаде дека Македонија и граѓаните за првпат во историјата имаат власт која работи исклучиво само за себе, а граѓаните ѝ се на последно место.
„Помина речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ има целосна централна власт и четири години откако имаат мнозинска локална власт. Ова е доволно време граѓаните да видат со кого си имаат работа. Ова е доволно време пред сè затоа што оваа власт не донесе ништо ново, туку само ги продолжи старите политики на лажен ПР, напади на опозицијата, партизација на институциите, целосна неспособност да се испорачаат резултати и целосно нејасна стратегија за тоа каде ја водат државата и граѓаните.
Драги мои сопартијци и другари, драги мои македонски граѓани, наша должност е да ја запреме разулавената власт. Наша должност е да се обединиме и да бидеме единствени во заложбата да го спречиме рушењето на нашиот заеднички дом и на сето она што сме го постигнале во овие 34 години независна држава. Тоа е нашата мисија. Затоа сме денеска тука.

Објавуваме дека денеска сме тука за да го вратиме достоинството на народот. Да ја заштитиме државата од заканите на авторитаризмот и од опасноста да стане партиска сопственост. Да се спротивставиме на оние кои работат само за себе, кои бесрамно ги трошат парите на граѓаните за свои уживања, а на граѓаните им фрлаат трошки. Да се спротивставиме на оние кои го уништија стандардот на граѓаните, додека во Белата палата јадат егзотични плодови купени со парите од даноците. Да се спротивставиме на неспособноста, оваа држава не видела власт која толку многу лаже, а толку малку испорачува резултати. Да се спротивставиме на лажниот патриотизам кој се користи само за манипулација на граѓаните. Да ѝ се спротивставиме на заканата Македонија повторно да биде ставена под контрола на партиски режим кој секогаш носи темнина, застој и угнетување“ порача Филипче.