Филипче објави резолуција со црвени линии: Македонија да спроведе уставните измени без да прифати нови барања

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денес излезе со предлог за деблокирање на патот на Северна Македонија кон европските интеграции. Неговата резолуција со црвени линии се состои од два најважни дела.

„Прво, Владата и сите институции мора доследно да се приклучат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, историските, идентитетските и културните карактеристики на македонскиот народ како елементи за кои не може да се преговара со ЕУ. Ова се нашите црвени линии и веруваме дека тие треба да бидат црвени линии на целата нација.“

Второ, дека Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговорната рамка со ЕУ, вклучително и уставните амандмани, со јасна определба дека ова е последната пречка, без да прифаќа нови барања или прашања од билатерален идентитетски карактер.

„Сите билатерални прашања со Бугарија треба да се решаваат во билатерални разговори и инструменти, на рамноправна основа без создавање нови блокади во процесот на преговори“, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Лидерот на СДСМ очекува Собранието да гласа за овој документ, иако, како што вели, нема веднаш да го презентира таму, за да можат сите партии прво да го разгледаат и да ги дадат своите предлози. Тој верува дека доколку се постигне национален консензус, никој нема да може да нè спречи на патот кон ЕУ.

Тој додава дека процесот треба да се интензивира по локалните избори.

Според Филипче, овој предлог доаѓа во пакет со Законот за улогата на Парламентот во процесот на европска интеграција. Тој бара документот да не се злоупотребува во изборната кампања.