Она што е важно за Преспанскиот договор е тоа што е првиот договор во последните децении постигнат меѓу двете земји, додека во минатото вакви проблеми беа решавани од други моќни сили, од други моќни земји и на други начини. Тоа е добар пример кога две соседни земји можат да седнат заедно и да решат многу прашања, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за време на неговото учество на Втората меѓународна конференција во Атина, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“.
За време на панел-дискусијата, лидерот на СДСМ се фокусираше на важноста на Преспанскиот договор, но и на тоа што треба да прават прогресивните сили во иднина.
„Преспанскиот договор е важен, пред сè затоа што покажува дека со лидерство и конкретна визија на лидери како Ципрас и Заев, многу работи можат да се решат. Преспанскиот договор реши децениски спор меѓу Северна Македонија и Грција и ѝ овозможи на Северна Македонија да стане членка на НАТО, но за жал не сме во ЕУ. Во моментов имаме авторитарна десничарска влада во нашата земја која не сака да ја движи земјата напред, како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза“, нагласи Филипче.
Тој зборуваше и за авторитарните режими не само во Европа, туку и во светот, за кризата во демократијата, која како што рече не е нова, а воедно ги пренесе и своите ставови за тоа што можат да направат прогресивните сили за да постигнат успех.
„Треба да се вратиме на нашите традиционални гласачи, а тоа се работниците. Треба да признаеме дека во минатите изборни циклуси многу од работниците гласаа за радикалната десница. Тоа не е затоа што се радикали или фашисти, туку затоа што се чувствуваат напуштени од нас и ова е парадокс“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека тие, како влада, направиле сѐ што можат за оваа група граѓани, но за жал не можеле да ја видат предноста на нивната политика.