Либанскиот министер за култура забрани прикажување на филмот „Барби“ во кината во земјата, велејќи дека тој промовира хомосексуалност и сексуална трансформација и е против религиозните вредности, објави Ројтерс.
Министерот Мохамед Мортада е поддржан од моќната шиитска вооружена група Хезболах, чиј шеф Саид Хасан Насрала ја засили својата реторика против ЛГБТ заедницата, тврдејќи дека таа претставува непосредна опасност за Либан. Тој побара од либанското Министерство за внатрешни работи да ги преземе неопходните мерки за да го спречи прикажувањето на филмот.
Министерот за внатрешни работи Басам Мавлави не одговори веднаш на барањата за коментар, соопшти агенцијата. Либан беше првата арапска земја што одржа недела на геј гордоста во 2017 година и се смета за безбедно засолниште за ЛГБТ заедницата на инаку конзервативниот Блиски Исток. Меѓутоа, ова прашање неодамна се најде во фокусот, предизвикувајќи тензии, објави Ројтерс.
Мавлави минатата година донесе одлука да ги забрани настаните „кои промовираат сексуална перверзија“ во Либан, за кои се верува дека се однесуваат на собири пријателски за ЛГБТ. Во говорот минатиот месец, Насралах ги повика либанските власти да преземат акција против материјалот за кој верува дека промовира хомосексуалност, вклучително и нејзино забрана.