Шест финалистки на овогодинешниот избор за убавина Мис Универзум во Индонезија ги обвинија организаторите дека ги принудиле да се соблечат за да го „проверат телото“ и ги фотографирале топлес, пишува CNN. Девојките поднеле пријава во полиција.
Нивната адвокатка Мелиса Анграини додаде дека организаторите побарале од девојките да се соблечат за да ги „испитаат нивните лузни, целулит или тетоважи“. Таа тврди дека „проверки на телото“ не биле наведени во распоредот на настаните, а на крајот петте девојки се согласиле да се соблечат и да се фотографираат топлес.
“Тоа беше доволно за да ги понижи и деградира“, изјави Мелиса. Исто така, една од натпреварувачките тврди дека организаторите ја замолиле да позира со раширени нозе.
Наводните инциденти се случиле на 1 август
Девојките рекле дека фотографиите се направени додека во собата биле присутни машки вработени. Наводните инциденти се случиле на 1 август, два дена пред големото финале во Џакарта, а до судот како доказ биле доставени документи и видеа.
„Мис Универзум многу сериозно ги сфаќа наводите за сексуално вознемирување и несоодветност. Обезбедувањето безбедно место за жените е највисок приоритет на организацијата Мис Универзум и ние ја истражуваме оваа работа“, изјавија организаторите на изборот за Мис Универзум за американските медиуми.
Организаторите на натпреварот во Индонезија не дадоа официјална изјава, но директорката Попи Капела рече дека нејзината организација „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека ќе спроведе темелна истрага и ќе ги разгледа наводите.