Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и белгискиот премиер Александер Де Кро, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, денеска престојуваат во посета на Украина, со цел да ја потврдат поддршката на Унијата на денот кога се одбележува втората годишнина од почетокот на руската агресија врз земјата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според најавата, за време на престојот во Киев предвидено е Фон дер Лајен и Де Кро да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со премиерот Денис Шмихал.
РТЛ јави дека Фон дер Лајен и Де Кро при престојот во Украина ќе ги придружуваат и премиерите на Италија и Канада, Џорџа Мелони и Џастин Трудо.
Предвидено е заедно со Зеленски високите западни гости да положат венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија и да го посетат аеродромот „Антонов“ во Хостомел, каде ќе имаат средба со припадниците на украинските Вооружени сили кои го бранат објектот. Еднодневната посета на Украина, тие ќе ја завршат со средба со група украински студенти.
Во пресрет на втора годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, Фон дер Лајен во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порачаа дека ЕУ останува на својата определба секогаш да ја поддржува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата во нејзините меѓународно признати граници.
– Две години насилство, бруталност, терор и уништување. Никогаш нема да го заборавиме почетниот шок од нападот, ужасот од настаните во Бородинка, Буча, Мариупол. Сепак, и покрај сите континуирани злосторства и страдања што и се нанесуваат низ целата земја, Украина стои цврсто. Херојскиот украински народ демонстрира цврстина и решителност во одбраната на својата татковина и борбата за својата слобода и нашите заеднички европски вредности, се наведува во изјавата, во која се додава дека постојаната агресија на Русија против Украина всушност започна пред 10 години со нелегалната анексија на Крим и Севастопол.
Тие посочуваат дека во услови кога Украина секојдневно се соочува со постојани брутални и неселективни напади од страна на нејзиниот агресор, повеќе од кога било, ЕУ останува обединета и доследна на ветувањето дека ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно.
– За народот на Украина, за мирот и безбедноста во Европа и за да надвладее меѓународниот поредок заснован на правила, Европската Унија ќе продолжи со својата силна и непоколеблива политичка, воена, финансиска, економска, дипломатска и хуманитарна поддршка за да и помогне на Украина да се одбрани, да го заштити својот народ, нејзините градови и нејзината критична инфраструктура, да го поврати нејзиниот територијален интегритет, да ги врати илјадниците депортирани деца и да доведе до крај на војната, се нагласува во заедничката изјава.
Мишел, Фон дер Лајен и Мецола потенцираат дека ЕУ се залага за постигнување праведен, сеопфатен и траен мир во Украина заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и дека ги подржува сите напори за одржување Глобален самит за мир со најширока можна меѓународна поддршка.
– Денеска, нашите знамиња ќе се веат едно до друго како симбол на нашата солидарност, посветеност и решителност, додаваат претседателите на Советот на ЕУ, Мишел, на ЕК, Фон дер Лајен и на Европарламентот, Мецола во заедничката изјава по повод двегодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Де Кро, од своја страна, вчера по средбата со Фон дер Лајен и полскиот премиер Доналд Туск во Варшава, изјави дека иако ситуацијата на бојното поле не е добра, тоа не значи дека ЕУ треба да се откаже од континуираната поддршка на Украина. – Го слушаме барањето за повеќе оружје и артилерија. Од суштинско значење е нашата поддршка за Украина да остане на високо ниво, порача Де Кро.