– Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, го најавија планот за раст за Западен Балкан.
Претседателката на ЕК престојува во официјална посета на Скопје како дел од балканската турнеја, при што ќе ги посети и Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
Премиерот Ковачевски рече дека е разговарано за конкретен план за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат придобивките коишто ги имаат граѓаните на Европската Унија, уште пред полноправното членство.
Тој истакна дека Северна Македонија и земјите од регионот побарале ваков план од ЕУ.
„Овој план ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграциите. Процесот на евроинтеграции е процес кој е составен од две патеки, една е политичка, меѓутоа другата е економска бидејќи да не заборавиме ЕУ почива на политичка и на економска соработка меѓу земјите членки. Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ, но пред сѐ од нас, земјите од Западен Балкан двојно ќе го зголемат обемот на економијата на регионот и во земјата преку зголемена економска соработка“, рече Ковачевски.
Според него, планот предвидува можност за отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи, со што се елиминираат трговските бариери, како и зголемување на опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз.
Ковачевски рече дека за сето ова, потребно е продолжување со реформските процеси.
„Планирани се 2 милијарди евра во грантови за земјите од Западен Балкан кои ќе повлечат дополнителни 4 милијарди евра во заеми за стратешки проекти коишто ќе го подобрат животот на граѓаните и работењето на компаниите, а секако и инфраструктурата за поврзувањето на земјите од Западен Балкан“, рече Ковачевски.
– „Сега е вистински момент за процесот на проширување“
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, рече дека Северна Македонија е на добар пат за влез во ЕУ и притоа ги поздрави напредокот и решеноста на Северна Македонија да се придвижи напред.
Таа истакна дека процесот на скрининг напредува и дека имаат за цел да ги отворат преговорите за фундаменталните кластери уште оваа година.
„Свесна сум, се разбира, за тековната работа за измена на вашиот Устав. Првите чекори се направени во вашиот Парламент и тоа е добра вест. Сега, се надевам дека сите партии ќе ја искористат оваа можност да продолжат напред, бидејќи сега е вистински момент, за цела ЕУ и оние земји кои сакаат да се приклучат на ЕУ, за процесот на проширување. Затоа е важно да се искористи тој момент. Се разбира, знам како овие процеси можат да бидат предизвикувачки. Сигурна сум дека ќе ја исполните вашата репутација како успешно мултиетничко општество“, рече Фон дер Лајен.
Говорејќи за планот за раст за Западен Балкан, таа рече дека има за цел да ја удвои економијата на регионот во следната деценија.
Фон дер Лајен повика на зближување на економиите на ЕУ и регионот, истакнувајќи дека македонската економија е на 42 отсто од просечниот приход во ЕУ.
„Планот има повеќе или помалку 4 важни чекори. Првиот е, на вашите компании им даваме пристап до клучните делови на единствениот европски пазар. Ние во основа ги отвораме вратите за единствениот европски пазар во 7 различни важни сектори. Вториот столб е, бараме и од вас да го отворите вашиот заеднички регионален пазар во Западен Балкан за вашите соседи“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека другите важни сегменти на планот се позитивните реформи, проследени со инвестиции.