Четиринаесет лица загинаа во Газа кога израелски воени авиони нападнаа две куќи

– Најмалку 14 лица загинаа во вчерашните израелски воздушни напади врз два станбени објекта во Појасот Газа, соопшти Министерството за внатрешни работи во блокираната енклава.

Цел на нападот беше куќа во градот Заваида, североисточно од централниот град Деир ал Балах, при што загинаа 11 лица, а неколкумина беа повредени, се вели во соопштението на Министерството.

Тројца беа убиени во друг напад врз куќа во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, додаде Министерството.

Израел започна масовна кампања со воздушно бомбардирање на Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на израелска територија на 7 октомври.

Во конфликтот загинаа повеќе од 9.400 луѓе, меѓу кои 8.005 Палестинци и повеќе од 1.400 Израелци.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во саботата објави дека израелските сили ги прошируваат своите операции и преминуваат во „следната фаза од нашата војна против Хамас“, која вклучува копнени операции.

Речиси 2,3 милиони жители на Газа се борат со недостиг од храна, вода, гориво и лекови поради блокадата на енклавата од страна на Израел.