Фон дер Лајен ја осуди одлуката на Кремљ за повлекување од договорот за жито

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја осуди како „цинична“ одлуката на Москва за прекин на важењето на договорот за извоз на украинско жито, што е клучно за исхраната во светот.

„Остро ја осудувам циничната одлука на Русија да го прекине договорот и покрај напорите на ОН и Турција. Европската унија работи на обезбедување храна за ранливите популации на планетата“, напиша таа на Твитер.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изрази жалење поради одлуката на Русија, бидејќи таа „ќе ја загрози безбедноста на храната и пристапот на населението ширум светот до резерви на храна, жито и ѓубрива“.

Мишел рече дека ги поддржува напорите на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да обезбеди продолжување на договорот.

Кремљ денеска соопшти дека договорот за извоз на украински житарки е завршен. 

Потпишан во јули 2022 година во Истанбул и веќе двапати обновен, договорот со кој се дозволува Украина да го извезува своето жито преку Црното Море, овозможи околу 33 милиони тони жито да се извезат од украинските пристаништа во текот на изминатата година, и покрај конфликтот.