Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион: Земјите од Западен Балкан што поскоро да се интегрираат во ЕУ

„Оваа платформа, ЕУСАИР, навистина им помага на државите што не се членки да го унапредат дијалогот и да ја користат помошта од земјите што се членки на ЕУ. Нивното искуство е исклучително корисно“.

Во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, денес се одржаа 8. Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР) и годишниот состанок на Советот на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) на ниво на министри за надворешни работи, јавува Анадолу.

По воведните обраќања се одржа панел-дискусија на која учествуваа министри и претставници на земјите од Јадранско-јонскиот Регион.

Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, на почетокот истакна дека дијалогот и соработката се клучни. Тој нагласи дека сега, поради ситуацијата во Украина, сите членки на Европската Унија имаат исто мислење за проширувањето.

„Оваа платформа, ЕУСАИР, навистина им помага на државите што не се членки да го унапредат дијалогот и да ја користат помошта од земјите што се членки на ЕУ. Нивното искуство е исклучително корисно“, рече Конаковиќ.

Тој додаде дека за БиХ, освен членството во ЕУ, приоритет е и стабилноста на регионот.

Министерот за надворешни и европски работи во Владата на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, изјави дека Хрватска го поддржува процесот на проширување на ЕУ во регионот на Западен Балкан.

„Босна и Херцеговина е на добар пат кон Европската Унија. Хрватска силно го поддржува процесот на проширување на ЕУ во Западен Балкан, но првенствено по основа на заслуги и резултати. Во таа смисла, Хрватска ја поддржува европската перспектива на Босна и Херцеговина“, рече Грлиќ Радман и додаде:

„Западен Балкан не треба да биде занемарен и затоа ЕУ треба да има повеќе инструменти за да го покаже своето присуство во регионот“, рече тој.

Државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања на Република Северна Македонија, Дрита Абдиу, изрази уверување дека во рамките на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион ќе продолжат да работат заедно за изнаоѓање решенија за предизвиците.

Министерот за кохезија и регионален развој на Словенија, Александар Јевшек, особено го истакна значењето на соработката во рамките на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион.

„Словенија силно го поддржува вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ и тоа го покажува во сите прилики. Поддршката на Словенија ќе биде уште посилна бидејќи знаеме што значи тоа за иднината на Европа. Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион покажува дека членките и нечленките на ЕУ заедно можат да пристапат до фондовите на ЕУ. Најважно е што ги вклучивме младите во овој процес. Младите мора уште повеќе да ги вклучиме бидејќи тие се сегашноста и иднината. Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион навистина влева надеж и мора уште повеќе да соработуваме и меѓусебно да се почитуваме“, рече Јевшек.

Илир Бекај, координатор на ИПА за Албанија, рече дека верува оти треба многу да се направи во областа на трговијата и транспортот.

Напоменувајќи дека северноевропските земји се собраа пред еден месец да размислуваат за енергијата на ветерот за Европа, истакна дека верува оти целиот регион може да обезбеди многу повеќе соларна енергија за цела Европа. Тој нагласи дека за тоа се потребни многу повеќе инвестиции и поактивен пристап.

Советникот на министерот при Министерството за надворешни работи на Република Грција, Василис Целиос, истакна дека соработката и координацијата меѓу членките и нечленките на ЕУ се многу важни во процесот на европска интеграција.

„Многу е важна соработката на терен, со цел граѓаните од регионот на Западен Балкан да видат вистински резултати. Затоа секој мора да дејствува одговорно. Во таа смисла, важно е да се продолжи со соработката на членките и нечленките на ЕУ во спроведувањето на проектите“, рече Целиос.

Директорот за Јадран и Балкан при Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Андреа Касконе, истакна дека поврзувањето и соработката на државите од регионот помагаат во процесот на интеграција во ЕУ.

„Сите земји од Западен Балкан сега имаат кандидатски статус, некои почнаа преговори и се надевам дека и Босна и Херцеговина наскоро ќе ги започне преговорите. Ние силно ги поддржуваме забрзувањето и процесот на интеграција во ЕУ. Затоа, важно е да се спроведат потребните реформи, со цел земјите од Западен Балкан што поскоро да се интегрираат во ЕУ“, рече Касконе.

По панелот на високо ниво, одржан е министерскиот состанок на ЈЈИ ЕУСАИР.

Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, заедно со коорганизаторите и со поддршка на „Enterprise Europe Network“ – EEN, ЕУСАИР, „Фасилити поинт“ и во соработка со Европската комисија, организира меѓународни Б2Б-состаноци во текот на првиот и вториот ден од 8. Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион под претседателство на Босна и Херцеговина.

Овој настан обединува мали и средни претпријатија, истражувачки институции, универзитети, развојни организации, здруженија и други организации од девет земји на ЕУСАИР (Италија, Словенија, Хрватска, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Грција и Албанија).

Б2Б-состаноците во хибриден формат претставуваат единствена можност за наоѓање партнери или нови контакти за деловна, технолошка и проектна соработка, со цел поврзување на регионите, зголемување на квалитетот и заштитата на животната средина, со акцент, меѓу другото, на секторите за одржлив туризам, информациските и комуникациските технологии, енергетиката и прехранбената индустрија.

Форумот на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР) ќе трае од 23 до 25 мај.