ФОТО\ВИДЕО | ИРСКА СО ГОДИНИ НЕ ПАМЕТИ ВАКВО НАСИЛСТВО – Големи демонстрации во Даблин, шефот на полицијата обвинува: “Група лудаци се виновни за ова!“
Жестоки судири кои се припишуваат на екстремната десница избувнаа во четвртокот вечерта во Даблин по напад со ладно оружје (нож) во кој беа ранети петмина, од кои три деца, јавуваат медиумите.
Со натписите „Ирските животи се важни“ и ирското знаме, стотици, можеби дури и илјадници луѓе, според проценките на новинарите на AFP, учествуваа на протести кои со години не се видени во таа земја.
Насилството избувна откако пет лица беа повредени во напад со нож во центарот на градот во четвртокот попладне. 5-годишно девојче се здобило со тешки телесни повреди и се наоѓа на одделението за интензивна нега, додека 5-годишно момче и 6-годишно девојче се полесно повредени. Една жена се здобила со тешки повреди, а еден маж со полесни повреди.
„Овие ѓубриња ги напаѓаат Ирците“, извикуваа демонстрантите, додека други се присетија на убиството на наставник за кое словачки државјанин беше осуден на доживотен затвор.
Министерката за правда на Ирска, Хелен Мекенти, ги нарече сцените „неприфатливи“ и порача дека нема да дозволи мал број луѓе „да сеат поделеност поради страшните настани“.
Демонстрантите фрлаа петарди кон полицискиот кордон.
Командирот на ирска национална полиција, Дру Харис, вели дека „целосно луда фракција“ мотивирана од екстремно „десничарската идеологија“ стои зад немирите.
Претходно во четвртокот, премиерот Лео Варадкар изјави дека осомничениот за нападот бил приведен. Според полицијата, се работи за маж на околу педесет години кој е хоспитализиран. Irish Times објави дека повредите најверојатно биле самонанесени.
Шефот на полицијата Дру Харис повика на смиреност и предупреди да не се шират лажни информации.
Во четвртокот вечерта тој им потврди на новинарите дека насилните демонстранти оштетиле полициски возила.
Тој изјавил дека мотивот за попладневниот напад во Даблин е „засега нејасен“.
„Не се исклучува никаков мотив за нападот… истрагата ќе ги утврди“, изјавил Дру Харис.