Ѓоковиќ шокиран од посетата во соблекувалната пред мечот: „Ова не сум го доживеал во мојата 20-годишна кариера“

Новак Ѓоковиќ беше шокиран од посетата што ја имаше во соблекувалната на салата во Малага, Шпанија, пред синоќешниот меч од Дејвис купот, бидејќи во неа влегле лица задолжени за допинг контрола.

Вообичаено е да се врши ваква контрола по натпреварите, а Ѓоковиќ тоа мораше да го направи час и половина пред судирот со Камерон Нори.

Српскиот тенисер на крајот славеше и и донесе важен триумф на Србија за пласман во полуфиналето, а по мечот проговори и за допинг контрола.

„Сè уште не сум направил целосна допинг контрола, треба да дадам крв. Имав кратка дискусија со луѓето од антидопинг агенцијата. Не верував дека донеле таква одлука, за 20 и повеќе години во кариерата не ми се случило час и половина пред мечот да одам на допинг контрола, имам своја рутина, не ми треба тоа одвраќање, да ми земаат урина и крв, да размислувам дали може да дадам урина во тој момент“, изјави Ѓоковиќ за Спорт Клуб и додаде:

„Нелогична ситуација и одлука. Ми рекоа дека една од важните причини за таа одлука е тоа што ќе заврши доцна, за да ни дадат повеќе време за одмор, но денот на паузата беше… Луѓето од Антидопинг агенцијата не би сакала да доцни, тоа беше уште една причина“.

Тој истакна дека поддржува тестирање, но не во такво време.

„Јас поддржувам да се тестирам себеси или било кој – сто пати, не е проблем, но не пред мечот. Кога ќе завршам, дојди, тестирај, не видов никаква причина или логика, но тоа е она што е – сега ќе вадам крв, но се надевам дека ќе ги сменат таквите одлуки, срамота е тоа што го направија“, заклучи Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ по мечот имаше и мала пресметка со навивачите, кои го исвиркаа додека тој зборуваше и така го вознемирија.

„ Слободно викајте, полесно ќе спиете. Мора да имате почит кон другите луѓе. Одете дома“, им рекол Ѓоковиќ.