Џесика Смит, која како бебе се појавуваше во детската серија „Teletubbies“, објави дека е бремена.
Поранешната телевизиска ѕвезда, која и ден-денес е позната како слаткото „бебе Сонце“, сега има 28 години и го очекува своето прво дете со партнерот Рики Латам. Што се однесува до глумата, таа денес не се занимава со нешто такво.
Оваа вест ги изненади оние кои растеле со „Teletubbies“ и ги потсети дека времето неминовно „лета“.
Инаку, Смит реши да ѝ соопшти на јавноста дека таа е, всушност, „бебето Сонце“ дури по нејзиниот 19. роденден. Нејзините родители се тие кои ја поттикнале да ја донесе таа одлука. Таа раскажа како како бебе била на преглед во болница, а токму тој ден продуцентите барале бебе кое ќе го отелотвори ликот на Сонцето.
„Јас сум седела на високо столче, а татко ми бил на подот, каде си играл со автомобилчиња за да ме натера да погледнам надолу. Ми рекоа дека снимањето траело околу половина ден”, рекла таа.
Како потсетување, „Teletubbies“ (1997-2001) беше проект на британската телевизија „Би-би-си“, наменет за деца од предучилишна возраст. Тинки-винки, Дипси, Лала и По сѐ уште се препознатливи телевизиски ликови и важен дел од светската поп-култура.