(ФОТО/ВИДЕО) Снежна покривка од запад кон исток на Европа: Време на откажани летови и детска радост

Од саботата до денеска бројни делови на Европа беа зафатени од обилни снежни врнежи кои целосно „парализираа“ одредени градови, но во голема мера и аеродроми. Од друга страна, снегот им донесе радост на децата и барем на моменти правеше многу градови да изгледаат како од бајка.Според извештаите на бројните метеоролошки служби, европските земји се пред екстремно студен почеток на неделата. Температурите во делови од Скандинавија паѓаат под минус 10 степени Целзиусови, а се очекува таквата состојба во северна Европа да се задржи уште најмалку седум дена.

Во меѓувреме, дождот најдолго ќе трае во Велика Британија и Франција, каде што се објавени жолти метеоролошки предупредувања поради налетите на ветерот.

Сепак, за разлика од западниот дел на Европа, каде што доминира дождот, централниот и источниот дел на Европа беа покриени со снег. Последиците од врнежите најмногу се чувствуваат во Германија, особено во Минхен, каде во наредните денови се предвидува замрзнат дожд.

Ваквите временски услови ја отежнаа и работата на аеродромот, а аеродромот во Минхен во вторник привремено ќе ја прекине работата.

„Во вторник нема да има полетувања и слетувања од 6 до 12 часот. Причината е предвидениот замрзнат дожд што ќе го оневозможи безбедното слетување во утринските часови. Најмалку 150 полетувања и 160 слетувања ќе бидат откажани“, соопштија од портпаролот на аеродромот.

Снегот остави трага и на други места на југот на Германија.

„Возовите и летовите се исто така откажани, а училиштата се затворени, особено во јужниот дел на Баварија“, пишува FAZ.

Кога станува збор за другите градови, во понеделникот малку повеќе снег падна во Франкфурт, Хамбург како и во Женева. Исто така, снегот ја погоди и Источна Европа, особено Полска и Русија, особено московската област, која беше речиси целосно парализирана од снежните врнежи.

„Во полскиот град Краков, некои трамвај и автобуски линии мораа да бидат прекинати поради снег покриени со патеки и патишта. Снегот ќе продолжи да паѓа во текот на неделата во јужниот дел на Полска, а температурите може да достигнат до минус 15 Целзиусови степени, “, пишуваат полските медиуми.

Слично време се очекува и во југоисточниот дел на Европа во наредните денови, а зимски услови особено се најавени на територијата на Романија.