ФОТО | ДОЛГО ЧУВАНА ТАЈНА! Објавени првите фотографии од тајниот нуклеарен бункер – како во филмовите: “Во случај на Армагедон, тој беше подготвен за Владата и кралицата!“

Скриен во шумата Ролд во северниот дел на Јитланд, на околу 400 километри северозападно од Копенхаген, се наоѓа големиот бункерски комплекс Koldrigsmuseet REGAN Vest односно – Музеј на Студената војна – REGAN West

Изграден во 1960-тите години во екот на тензиите во Студената војна, тајното скривалиште е местото каде данската Влада, па дури и кралицата би биле евакуирани доколку избие нуклеарна војна.

Планот бил да се владее со земјата од ова засолниште, 60 метри под земја, а самото негово постоење се чувало во длабока тајност со децении додека конечно не беше откриено во 2012 година.

По долгогодишна подготовка, за прв пат беше отворен за јавноста во февруари 2023 година како музеј. Дозволени се само 50.000 посетители годишно, а пристапот е ограничен на мали групи од 10 луѓе на 90-минутни тури со водичи кои на посетителите им покажуваат километри од лавиринтскиот бункерски систем.

Музеј на Студената војна – REGAN West

Влезот во бункерот, некогаш чуван од полицајци вооружени со пиштоли и рачни гранати, сега е целосно зелен и покриен во мов и влага и изгледа толку обично што огромната мрежа на тунели што ги крие е запрепастувачка.

По долгиот премин со закривени, ребрести ѕидови дизајнирани да го забават бранот на притисок од нуклеарна експлозија, се доаѓа до тешка, херметичка врата што го означува почетокот на вистинскиот бункер.

Првата станица е машинскиот простор, каде што дизел генераторите го одржуваат погонот во работа. Ако беше се уште затворен од надворешниот свет, ќе имаше доволно електрична енергија за работа, рециклиран воздух и други залихи има секогаш спремно за 10 дена, објаснува за BBC, Бодил Франдсен, кустос и историчар на музејот, споредувајќи го со подморница.

Студената војна беше период на акутна политичка и воена тензија меѓу западниот и источниот блок што се протегаше од кратко време по Втората светска војна до раните 1990-ти години, предизвикувајќи трка во нуклеарното вооружување. По советското тестирање на потенцијално катастрофалната хидрогенска бомба – и последователната кубанска ракетна криза – стравувањата од Армагедон дополнително беа поттикнати.

Никогаш не сте виделе вакво оружје“, рекол Бодил Франдсен и додал: „Тоа беше само многу посилно и многу поразорно. Потребен беше нов начин на размислување и планирање за спас“.

Музеј на Студената војна – REGAN West

Како членка на НАТО од 1949 година, позицијата на Данска на устието на Балтичкото Море беше (и сè уште е) стратешки важна, но нејзината близина до Железната завеса исто така ја направи ранлива земја, што ја натера да се подготви за најлошото. Изградбата на нуклеарниот отпорен бункер REGAN започна во 1963 година и бил завршена пет години подоцна.

Се простира на неверојатни 5.500 квадратни метри, во форма на два големи, поврзани прстени, секој со горен и долен кат и повеќе од 230 соби во кои можат да се сместат околу 350 луѓе. Тие главно би биле министри и државни службеници, дел од намалената администрација задолжена за водење на државните работи во најтемните времиња, плус неколку членови на медицинскиот персонал, неколку новинари и свештеник.

Беспрекорните канцеларии сè уште се опремени со старомодни телефони и додатоци, просторија за комуникации и мало радио студио, сите замрзнати во времето. Голем дел од декорот датира од 1960-тите и 70-тите години, вклучително и десетици оригинални класични столчиња од иконскиот дански дизајнер Арне Јакобсен.

Овде е поинаков свет“, вели Ларс Кристијан Норбах, директор на музејот и додава: „Она што е посебно овде е тоа што овој бункер е автентичен. Тоа е еден вид временска капсула. Прилично огромна временска капсула“.

Имено, другите владини бункери постојат, појаснил водичот на BBC, но нивната содржина е отстранета или не се отворени за јавноста.

За среќа, Третата светска војна не се случи и објектот се користел само за вежби, иако останал во готовност до 2003 година, кога конечно бил деактивиран. Девет години подоцна, на долго чуваната тајна и дојде крајот, а потоа почнаа речиси една деценија подготовки за зачувување на бункерот како музеј.

Во „ситуационата соба“ подготвена за состаноци кои никогаш не се случиле, се наоѓаат воените мапи на Скандинавија и Советскиот Сојуз кои ги покриваат ѕидовите.

Ако ја погледнете мапата и се сетите каква беше поделбата во Германија, тогаш Данска е земја на линијата на фронтот“, објаснил водичот.

Музеј на Студената војна – REGAN West

Во големиот бункер има и елегантен салон со мебел, осветлување и тапети. Сè е во смарагд боја, како од страниците на списание од 1970-тите години. А меѓу полиците со видео касети и книги има копија од романот на Џејмс Бонд – „From Russia with love“.

Како дел од музејот има и центар за посетители каде изложбата навлегува подлабоко во историјата и општеството од Студената војна, а во близина е и Инженерската куќа, која некогаш била дом на инженерот кој го одржувал бункерот. Таму живеел со семејството до 2010 година, а строго тајниот објект се наоѓал веднаш зад нивниот двор.