ФОТО | ПЕКОЛ ВО ГРЦИЈА – На Родос евакуирани се дури 30.000 луѓе – огнениот фронт е долг девет километри!

Властите на грчкиот остров Родос до недела наутро го евакуираа населението и туристите од градот на тој остров во Егејското Море, околу 30.000 од нив, поради шумските пожари кои беснеат веќе пет дена.

Ветровите и огнениот фронт долг девет километри од центарот на островот до источните плажи создадоа екстремни услови“, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакојанис.

слика
Родос, Грција

Ова не е пожар што ќе се гаси утре или задутре, ќе треба да се справуваме со денови“, објаснува Василис Вартакојанис.

Заменик-градоначалникот Константинос Тараслијас објасни дека ветерот утринава се завртел за 180 степени и огнот се засилил и се протегал на километри кон туристичката зона.

Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека е активирано кризното управување за евакуација на странски државјани.

Јоргос Хаџимаркос, регионалниот гувернер, вели дека тековната операција била забавена поради пожарите кои отсекле некои патишта.

Нашата цел е да ги заштитиме животите на луѓето“, нагласил Јоргос Хаџимаркос.

Туристите и некои локални жители се преместени во спортски сали, училишта и конференциски центри на островот и ќе останат таму во текот на ноќта додека пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарот.

Неколку од евакуираните туристи се сместени на три фериботи закотвени во пристаништето Родос.

Во евакуацијата учествуваат локалните власти, крајбрежната стража и Армијата.

слика
Родос, Грција

Во гаснењето на пожарот на Родос се вклучени околу 200 пожарникари и пет хеликоптери.

Во моментов се води битка за гаснење на пожарите во Лаермон и Лардос.

Во внатрешноста на островот пожарот стигнал до градот Лаерма каде горат куќи и црква.